![]() |
Изложба од Александар Џинго Во ликовната галерија отворена е изложба на дела од прилепскиот уметник Александар Џинго, кој се претставува со 12 дела - колаж.(31.8 – 14.9.2018). Џинго реализирал самостојни и групни изложби, член е на ДЛУП, а учествувал и на повеќе ликовни колонии. Изложбата ја отвори м- р Оливера Богатиноска, која посочи дека Џинго пронаоѓа замислени визуелни композиции и креативни идеи во музиката, костимографијата и графиката како повеќегодишен израз. -Неговата интелектуална љубопитност создава препознатлив печат, а тоа е спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Авторот се определил за техниката - колаж како процес на екпериментирање, кој нуди неочекувани креативни резултати. Основната ликовна синтагма на овие уметнички дела е интеракција на колоритната хармонија и акустичноста на ликовите. Најнеограничената слобода е чистиот уметнички израз. Уметникот се чини дека намерно го прекинува обидот за дијалог на ликовите со публиката, тие одбиваат прашања, не нудат одговори, а изразите на лицата оддаваат рефлексии од сопственото искуство. Најмоќната метафора, кои овие дела успеваат да ја произведат е експрезионизмот добиен преку едноставна прочистена форма на линијата, префинетост на цртежот - наспроти колоритноста на светот во кои ги набљудуваме ликовите. Концептот е постоечки, авторот решил на ликовите кои ги прикажува да им ја одземе реалноста и во моментот кога некој ги набљудува да им овозможи нова реалност. Желбата за идеализирана убавина на ликовите, како видлив атрибут на композициите е видлива преку лесно нагласените движења со кои се поставени контурите на фигурите, наспроти колоритната симбиоза на колажот вечи Богатиноска. |