Печати

Изложба од Александра Богоеска

„Емоции – допир со природата“ од Александра Богоеска , дипломиран скулптор на ФЛУ Скопје е отворена во ликовната галерија ( 5 .7. до 25.7.2019). изложбата ја отвори Викторија Димеска, историчар на уметност, која посочи дека академскиот скулптор Александра Богоеска храбро и сигурно исчекорува во сферата на ликовната уметност. Плодниот творечки опус од скулптури и мозаици, уметникот го надополнил со уметнички сликарски платна.
-Во ликовниот израз на Богоеска се проткајува симболизмот. Посебноста во творештвото на уметникот се согледува во умешноста на пренесувањето на интимните индивидуални, емотивни и психофизички состојби преку различен симболичен јазик. Фигурата во творештвото на Богоеска е најчесто робустна и монументална, додека пак бојата е лирична и експресионистичка. Преку поставувањето на симболите во самата композиција, како што се: јаболкото, лотусот, волкот, пеперутката, цветниот венец уметникот успеал да го доближи и да го соочи набљудувачот со надреалистичната фантастичната, имагинарната и ирационалната страна на човековата свесност. Самите симболи го поттикнуваат разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки, додека пак колоритот со сопствената топлина дава чувство на пријатност, кое го поттикнува, понесува и вовлекува љубопитниот набљудувач во различни мистични витли и јами во сферата на имагинацијата и фантазијата. 
Главен лик-фигура која се проткајува и е присутна во творештвото на Богоевска претставува женскиот акт и портрет. Поради моќноста и силата на емотивната страна на жената, како и нејзината силна развиена интуитивност, сетилност и рационалност, уметникот одлучува портретот и актот на женското тело да биде главен адут, најсилно средство преку кои ќе ја ирази сопствената креативна способност и карактеристиките на сликарството, преку богатата и раскошна палета на бои и линијата - истакна Димеска.
Изложбата на Богоеска и ја честиташе и градоначалникот Илија Јованоски.
Александра Богоеска дипломирала на ФЛУ Скопје оддел скулптура, конзервација и реставрација. Има реализирано групни изложби во Македонија и во странство. Има учествувано на голем број колонии низ земјата и во Србија. Изработува скулптури, мозаици, слики.


AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.