Печати

„Пејзажни знаци“ од Давид Атанасоски

„Пејзажни знаци“ е првата самостојна изложба на младиот уметник Давид Атанасоски, што е отворена во ликовната галерија (7.06.до 20.06.2019). Изложбата ја отвори историчарот по уметност Викторија Димеска, според која творештвото на Атанасоски претставува резултат на инвентивните скулпторски и сликарски истражувања.

- Процесот на преобразување на сликарските елементи во карактеристични пластични објекти, укажува на развиена сетилна релација меѓу материјалот и креативниот творечки потенцијал на уметникот. Едноставните геометриски конструктивни форми и белези упатуваат на длабоко развиено интуитивно и мисловно разбирање на сликарската и скулпторкскта форма, маса, материјал и простор. Создавајќи сопствен автентичен јазик , Атанасоски формира апстрактно асоцијативни и геометриски форми, поставувајќи ги и распоредувајќи ги хоризонтално, вертикално и дијагонално во просторот на самата конструкција, притоа врамувајќи ги експресивните решенија во т.н. квадратни форми или „касети“ - посочи на отворањето на изложбата Димеска.
Давид Атанасоски во 2018 година заврши Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство во класата на професор Исмет Рамиќевиќ, со конзервација и реставрација. Досега има реализирано повеќе групни изложби во родниот Прилеп, во Скопје и на почетокот од годинава во Њујорк.

 



AdmirorGallery 3.0, author/s Vasiljevski & Kekeljevic.